Непалски водич Дава Шерпа кој беше пронајден како ползи по Монт Еверест шест дена откако последен пат беше виден жив, изјави за Би-Би-Си дека преживеал „џвакајќи мраз“ и јадејќи неколку чоколадни плочки што ги нашол во џебот.
Водичот вели дека не „исчезнал“ за време на спуштањето, туку бил принуден да „остане зад другите“ откако му снемало кислород. Се претпоставувало дека е мртов на планината, а неговото семејство во главниот град на Непал, Катманду, веќе почнало да ги извршува последните обреди кога екипа за чистење на планината го забележала како „се лизга надолу“ кон базниот камп.
Тој бил префрлен со хеликоптер во болница во Катманду, каде што разговарал со Би-Би-Си додека примал третман за дехидрација.
„Не мислев дека ќе останам жив, мислев дека ќе умрам тука “, изјави тој за Би-Би-Си Непал.
Водичот рекол дека неговите проблеми започнале кога му снемало кислород.
„Кога снема кислород, не можев да одам. Првите два дена не јадев ништо. Потоа почнав да џвакам мраз. Ме болеа забите. Силно го гризев.“ изјавил тој.
Подоцна пронашол неколку чоколадни плочки во џебот и успеал да стопи малку мраз за да може да пие нешто.
Полека продолжил со спуштањето, но потоа паднал во ледена пукнатина. Бил заробен во неа два и пол дена, не можејќи да најде излез.
Потоа лавина го урнала снегот во пукнатината и му ја дала првата надеж по многу денови.
„Станав на снегот, станав и погледнав нагоре… Почувствував дека можам да излезам оттаму“, изјавил тој за Би-Би-Си.
Кога се извлекол, пронашол јажиња кои му помогнале да продолжи со спуштањето по највисоката планина во светот.
Уште една лавина му се заканила на напредокот, но тој не се откажал.
„Поминав низ снегот и продолжив да се спуштам. Одев цела ноќ. А потоа се приближив до базниот логор.“
Веста дека преживеал предизвика шок и воодушевување.
За време на овогодишната сезона на искачување на Еверест, загинаа пет лица, додека од 20-тите години на минатиот век, откако се водат евиденции, загинаа повеќе од 300 лица.
