Опозициската СДСМ упати остри критики кон партијата ЗНАМ и нејзиниот лидер Максим Димитриевски, обвинувајќи ги дека дејствуваат во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека причините за влегувањето на ЗНАМ во владината коалиција им се познати на граѓаните и дека тие се поврзани со, како што наведуваат, „лични и бизнис интереси“.
Од СДСМ оценуваат дека Димитриевски „прво ја предал сопствената партија, а потоа и своите гласачи“, посочувајќи дека ЗНАМ се соочува со заминување на пратеници и советници.
„Остана само Максо да го ‘одработи’ авансот што го доби од Мицкоски“, наведуваат од опозициската партија.
СДСМ понатаму обвинува дека ЗНАМ не е самостоен политички субјект, туку „сателит на ВМРО-ДПМНЕ“, создаден, како што тврдат, за да ја ослабне опозицијата и да ги збунува гласачите.
Во соопштението се поставува и прашањето кога Јавното обвинителство ќе се произнесе по пријавата поврзана со тендерите во Пошта, случај за кој опозициската партија претходно изнесуваше обвинувања.
