Еден вработен куца електронска картичка за петмина колеги во исто време, додека тие воопшто не се појавуваат на работно место или пијат кафе надвор од институцијата. Ова не е сценарио од филм, туку реалност и воспоставена пракса со која со години се злоупотребувал системот во здравствената администрација, откри министерот за здравство во интервјуто за „Ноќно Студио“.
Овој скандал со фиктивното присуство, кој во јавноста отвори низа реакции, е главниот мотив поради кој Министерството за здравство тргнува во радикална дигитализација и воведување на отисок од прст (фингерпринт) за контрола на работното време.
„Направив базична анализа во нашата администрација и испадна дека имаме кластери. Другари и другарки коишто се дружат, пијат кафе во текот на денот, се здружуваат и ротираат. Вели: ‘Јас ќе се куцам за вас оваа недела, вие ќе се куцате наредната недела’. Ама заборавиле нешто друго – дека со базична анализа се гледа дека истите луѓе секој ден доаѓаат во секунда исто време и си одат во исто време“, објаснува министерот.
