Здружението за заштита на животните Анима Мунди остро реагираше по информациите за бегството на белите волци од Зоолошката градина во Скопје, оценувајќи дека состојбата укажува на сериозни пропусти во безбедноста и условите за чување на дивите животни.
Од организацијата посочуваат дека оградата на живеалиштето, која може да се види на снимките, не остава впечаток дека ги исполнува неопходните безбедносни стандарди.
„Оградата што се гледа на снимката не остава впечаток на безбедносен систем соодветен за чување диви животни. Напротив, отвора сериозни сомнежи дали воопшто биле обезбедени минималните стандарди за заштита и спречување на бегство“, наведуваат од Анима Мунди.
Оттаму додаваат дека безбедноста на дивите животни не смее да зависи од импровизации или од среќни околности и оценуваат дека ваквите состојби постојат подолг временски период.
Анима Мунди бара итно затворање на ЗОО Скопје до завршување на независен инспекциски надзор, како и детална инспекција на сите живеалишта, кафези, огради и безбедносни системи, при што наодите јавно би биле објавени.
Меѓу барањата се и независна истрага за бегството на волците и усмртувањето на животните, утврдување одговорност за евентуалните пропусти, како и воведување мораториум за размножување и внесување нови животни сè додека не се обезбедат услови што ги исполнуваат законските и стручните стандарди.
Од здружението предлагаат и изработка на план за трансформација на Зоолошката градина во спасувачки и рехабилитациски центар за животни.
„Институција што не може да гарантира сигурност за животните што ги држи во заробеништво, не може да гарантира ниту безбедност за граѓаните“, порачуваат од Анима Мунди.
