ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осуди, како што наведува, навредите што пратеникот Фатмир Битиќи ги упатил кон министерката Гордана Димитриеска-Кочоска за време на собраниската расправа.
Од владејачката партија истакнуваат дека Димитриеска-Кочоска, покрај тоа што извршува јавна функција, е „жена, мајка, ќерка и активен граѓанин на Република Македонија, човек со интегритет и докажана професионалност“.
Во соопштението се наведува дека „нападите и омаловажувањата искажани од Фатмир Битиќи се одраз на слаб и исплашен човек“.
ВМРО-ДПМНЕ упати и остри критики кон Битиќи, оценувајќи дека тој „ја гради својата политичка кариера врз етничката припадност“ и дека, како поранешен министер за економија, бил дел од „неспособниот и криминален мозаик на тандемот ДУИ–СДС“.
Реакцијата следува по вчерашната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која се расправаше за ребалансот на Буџетот. Според видеото од седницата, Битиќи, обраќајќи им се на министерката за финансии и на заменик-министерот за финансии, изјавил:
„Бездната во која што пропаѓате е многу длабока, имате уште да идете надолу. Во тоа ве смести сметководителката и професорот.“
