Основното јавно обвинителство Скопје покрена обвинителен предлог против сопружници кои се осомничени за ладнокрвното убиство на матичниот лекар Ацо Трповски. По долга истрага, обезбедени се докази кои упатуваат на тоа дека 65-годишен маж е директниот извршител на делото, додека неговата 59-годишна сопруга му помогнала да го намести докторот и потоа да ги сокрие трагите.
Според наодите на истрагата, клучниот момент се случил на паркинг во скопската населба Автокоманда, каде што сопружниците ја поставиле стапицата, по што телото на починатиот лекар со автомобил го пренеле до Железара.
Обвинителството во своето соопштение во детали го опишува свирепиот чин и поднесувањето на мерката притвор.
„На 21.03.2024 година, на паркинг простор во населбата Автокоманда, осомничениот 65-годишник со умисла го лишил од живот сега покојниот Ацо Трповски. Притоа, му помогнала 59-годишната осомничена, прикривајќи ги средствата и трагите од извршеното кривично дело. Осомничената се договорила со жртвата да се најдат на наведеното место. Кратко време откако влегла во неговиот автомобил, пристигнал осомничениот. Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото од кои оштетениот починат.“
Бришење на доказите и предлог за притвор
Како што се појаснува во официјалниот допис, по извршеното убиство сопружниците работеле заеднички за да го прикријат злосторството од очите на јавноста и полицијата.
„Сопружниците заедно го ставиле телото на предното седиште од автомобилот. Осомничениот го одвезол до паркингот на Поликлиниката Железара, каде го префрлил починатиот на возачкото седиште. Осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата заминале. Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.“
