За љубителите кои бараат вистинско освежување со вкус на овошје и без конзерванси
Состојки
- 5 кг вишни
- 3,5 кг шеќер
- 50 грама лимонска киселина
- 3 л вода
- 1 кесичка ванилин шеќер (по желба)
Подготовка
Измијте ги вишните под млаз вода, отстранете ги семките и дршките, па ставете ги во голем сад заедно со шеќерот, водата, лимонската киселина, и ванилата. Оставете ја смесата да отстои 24 часа на ладно и темно место, повремено промешувајте за да се раствори шеќерот. Пропуштете ја смесата низ груба цедалка или низ машина за цедење домати ( да се одвојат лушпите, но да се задржат и некои поголеми парчиња од вишните), a можете да ја процедите и низ газа.Оставете ја смесата да зоврие, внимавајте да ја намалите температурата непосредно пред да почне да врие, бидејќи пената брзо се крева и може да претече. Доволно е смесата благо да врие 3–5 минути. Штом сте задоволни од вкусот, веднаш истурете ја смесата во чисти шишиња што претходно биле загреани во рерна на 100°C. Цврсто затворете ги капачињата, препорачливо е да ги пребришете капачињата со алкохол пред да ги затворите шишињата. Ставете ги шишињата во голем сад и добро завиткајте ги, оставете ги да се ладат 2–3 дена, потоа се подготвени за употреба и можат да се чуваат до две години без да се расипат.
