Скратена работна недела од пет на четири дена, скратено работно време за повозрасните работници, пораст на платите, до 50% поголеми пензии, прв дом за млади до 35 годишна возраст без данок на промет, намалување на данокот на чесниот труд, а оданочување на луксузот, 10 илјади евра за секој што ќе одлучи да се врати од странство да живее дома, објави Телма.
Ова се само дел од мерките, предвидени во новата програма на СДСМ, што претседателот на партијата ја промовираше денеска. Програмата ќе биде ставена на широка дебата, па Филипче ги повика сите што сакаат да дадат сугестии, да го сторат тоа. Во програмата, која ќе треба да биде усвоена на партискиот Конгрес, се ветува и енергетска автономија, нов пристап во индустриската државна политика, челична безбедност и нула корупција.
„Правдата во Македонија е заробена од корумпираните центри на моќ кои преку системска ерозија на институциите го приватизираат јавното добро. Наместо владеење на правото, на сцена имаме институционална несигурност која ги дестимулира стратешките инвестиции и создава економски амбиент со висок ризик. Предвидуваме нова архитектура на институционална отпорност, каде борбата против корупцијата не зависи од нечија добра волја, туку од системски поставен „имунолошки одговор“ на државата“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Филипче упати и бројни критики за злоупотреби во јавните претпријатија, за „инфлација на алчноста“ и несоодветно справување со енергетската криза и поскапувањето на храната. Повторно повика, владата да ги прифати нивните мерки за намалување на акцизата на горивата, на патарините и на ДДВ-то.
Премиерот му одговори дека е логично како опозиција да критикува и да мисли дека ако навредува, лаже и клевети ќе привлече поголемо внимание, но дека тоа му е погрешна стратегија и резултатот ќе го види на следните избори.
