Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Ахмети преку писмо потсетува: Албанскиот јазик бил темелот на државата
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > ПОЛИТИКА > Ахмети преку писмо потсетува: Албанскиот јазик бил темелот на државата
ПОЛИТИКА

Ахмети преку писмо потсетува: Албанскиот јазик бил темелот на државата

Објавено April 2, 2026 18:34
Сподели
Сподели

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пиша писмо за користењето на албанскиот јазик во кое уште еднаш кажа дека охридскиот договор е „темел на оваа држава, a aлбанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот“.

Посочува дека стабилните и одржливи држави се изградени врз јасни принципи, врз големи политички договори и врз меѓусебно почитување меѓу граѓаните и народите што ги сочинуваат. Кога тие принципи се зачувани и зацврстени, државата се движи напред; кога се релативизираат, се отвораат непотребни дебати што не им служат на никого, посочува Ахмети во писмото.

Според него, постојат теми што не се ниту „сопственост на партиите, ниту предмет на политички натпревари, туку дел од нашиот заеднички договор да живееме заедно, како еднакви во рамноправна и европска држава“. Едно од тие прашања, како што вели, е статусот на албанскиот јазик како официјален јазик.

„За мене, еднаквоста никогаш не била слоган. Таа е непроменливо политичко и морално убедување. Државата не станува силна кога едната страна се чувствува супериорна, туку кога секој граѓанин и секој народ се чувствуваат почитувани, признати и достоинствено претставени. Точно тука е значењето на јазикот: тој не е само средство за комуникација, туку израз на идентитет, достоинство и уставна еднаквост. Албанскиот јазик за мене не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање. Јас го кажав и ќе го повторувам без никаква резерва: Охридскиот договор е темел на оваа држава и кој го доведува во прашање, ја доведува во прашање самата иднина на државата. Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор“ вели Ахмети.

Тој додава дека Албанците во Македонија никогаш не го оспорувале македонскиот јазик и македонскиот идентитет, напротив, постојано се определувале за заедничка, унитарна, евроатлантска и европска Македонија.

„Ова е вистината што треба јасно да се каже: еднаквоста на Албанците не ја ослабнала државата, туку ја зацврстила. Не го загрозила заедничкото живеење, туку ја направила поправична. Не ја разнишала западната ориентација на земјата, туку ја овозможила. Верувам и цврсто стојам зад тоа: јазичната еднаквост е столбот на кој стои коегзистенцијата. Мирот и стабилноста не се градат врз доминација на едните над другите, туку врз реална еднаквост. Држава што не им зборува на своите граѓани на нивниот јазик не е рамноправна држава. Албанскиот не е товар за државата, тој е нејзина реалност и нераскинлив дел од нејзиниот институционален идентитет“ посочува лидерот на ДУИ.

Затоа, вели тој, секој обид да се релативизира, намали или ослаби статусот на албанскиот јазик не е само правна расправа. Тоа, според него, е допир до рамнотежа изградена со многу политичка мудрост, одговорност и посветеност кон заедничката иднина.

Ахмети во писмото го посочува и Уставниот суд нарекувајќи го параполитична институција и инструмент за дестабилизирачки агенди.

„Со загриженост се следат и одредени пристапи на институциите, особено во Уставниот суд, кои создаваат непоколебливо уверување дека во чувствителни прашања за меѓуетничките односи не преовладува професионалниот и уставниот аргумент, туку етнички мнозинска логика, застарена која не се совпаѓа со духот на Охридскиот договор. Ова е причина за сериозна државна внимателност. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција“ пишува Ахмети.

Нетрпението, вели Ахмети, не нè води напред, а реториката „можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик“, не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска.

„Таа не носи мир, туку создава напнатост; не гради мостови, туку продлабочува поделби; не лечи, туку ги отвора раните што земјата скапо ги платила; и не ја зацврстува државата, туку го подрива самиот основ на коегзистенцијата. Не сакам никој во оваа земја да се чувствува загрозен од еднаквоста. Ниту Македонецот од правата на Албанецот, ниту Албанецот од институциите на државата. Ова е вистинското значење на коегзистенцијата: да живееме со сознанието дека државата е на сите и дека никој не треба да бара почит како милост, туку да ја ужива како право. Затоа денес е потребен мудар јазик, умерен пристап и историска одговорност. Треба да ги заштитиме македонскиот и албанскиот јазик, идентитетот на секој и достоинството на сите. Треба да ги заштитиме не само текстовите на законите, туку и духот на заедничката држава. Кога се штити еднаквоста, се штити мирот; кога не се допира јазикот на другиот, се зацврстува нашата заедничка држава. Нема враќање назад! Стекнатите права не се предмет на преговори и не се укинуваат. Секој обид за ограничување на примената на албанскиот јазик е опасен регрес. Тие што денес зборуваат за ограничувања треба да знаат дека ги отвораат раните што земјата ги залечила со големи жртви. Со овие работи не се игра“ порачува Ахмети.

„Овие права не се само внатрешно достигнување; тие се резултат на заеднички пат со нашите стратешки партнери, Европската Унија, Соединетите Американски Држави и НАТО. Затоа нивната заштита не е само политичка обврска, туку државна и меѓународна одговорност.

Јас јасно кажав: не бараме повеќе од она што ни припаѓа, но нема да прифатиме ништо помалку. Еднаквоста не е опција, тоа е обврска. Денес проблемот не е законот, туку недостатокот на волја за негово спроведување. Законите не се применуваат сами по себе, туку ги применуваат институциите и луѓето кои треба да носат одговорност. Никој нема право да го блокира или игнорира применувањето на уставно загарантирано право. Тоа не е само кршење на устав и закон, тоа е кршење на довербата на граѓаните“ додава Ахмети.

Тој заклучува дека нема иднина без еднаквост, достоинство и нема достоинство без албанскиот јазик како официјален јазик. Кој го допре овој принцип, ја допира самата основа на државата“.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија (ВИДЕО) Апокалиптични сцени од Грција: Црвен чад го покри небото
Следна Статија Савески жали за оставката на Ленче Ристоска

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ПОЛИТИКА

НСДП на локалните избори ќе настапи во коалиција со СДСМ

НСДП вчера во Скопје одржа седница на Централниот одбор на која беа разгледани активностите на партијата кои се преземаат во…

May 19, 2025
ПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ вечерва со завршен митинг: Мицкоски очекува 60 градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе го одржи завршниот митинг во Скопје. Од пратијта информираат дека митингот, на кој ќе се обратат претседателот…

October 30, 2025
ПОЛИТИКА

Дали Росица му праќала пораки на Тошковски да моли за помош, прашува Кузеска

Убиството на Росица не смее да биде заборавено. Убиството бара одговори, бара одговорност и будност и голема сериозност на институциите,…

September 24, 2025
ПОЛИТИКА

Филипче: Сметките растат, цените дивеат, младите си заминуваат

Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ од Чучер Сандево испрати порака дека…

October 17, 2025
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?