Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента

Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан – рече Димитриеска-Кочоска.

Во креирањето на Буџетот, како што посочи, е тргнато од определбата за намалување на буџетскиот дефицит и ефикасно прибирање на приходите, преку борба со сивата економија и ефикасност во користењето на сите средства. Во таа насока се поттикнати институциите коишто имаат сопствени средства да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата заклучно со 12 ноември во буџетските корисници е над 14 милијарди денари.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.

Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителениот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2025 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,1 проценти преку интензивирање на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како и проектите во енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на финансиските средства обезбедени преку заемот од Унгарија.

Ваквото основно макроекономско сценарио сепак е придружено со ризици, коишто се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Ризиците во однос на надворешното окружување и понатаму се поврзани со геополитичките тензии. Војната во Украина има негативно влијание врз европската економија, особено врз Германија, којашто е наш најзначаен извозен пазар, и заедно со конфликтот на Блискиот Исток влијае врз глобалната перцепција за мир – нагласи Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Вкупните даночни приходи се проектирани на ниво од 202,2 милијарди денари, што претставува раст од 12,8 проценти во однос на планираните даночни приходи за 2024 година, со удел од 19,8 проценти во планираниот БДП за 2025 година. Кај приходите од данокот на личен доход се очекува раст од 13,1 проценти, кај приходите од данокот на добивка за 10,3 проценти, а пораст се очекува и кај приходите од ДДВ кои ќе учествуваат со 42,9 проценти во вкупните даночни приходи, додека приходите од акцизи е предвидено да забележат раст од 18,6 проценти.

Кај расходите, делот на плати е проектиран на ниво од околу 48,1 милијарди денари и споредено со 2024 година е на повисоко ниво за околу 8 проценти. Тука е вкучено усогласување на платите согласно колективните договори во повеќе дејности, додека новите вработувања ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор. Во делот на платите се имплементирани донесените владини мерки и препораки за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, а со цел зголемување на мотивот за професионално и квалитетно исполнување на работните задачи.

За исплата на пензиите планирани се 105,5 милијарди денари каде се вклучени и ветените 2.500 денари што пензионерите треба да ги добијат со мартовската пензија.

Министерката за финансии се надева дека во наредните 10 дена во Собранието ќе има конструктивна дебата за овој најзначен економски документ.

Опизицијата, според која Предлог-буџетот е неразвоен, најави поднесување на околу 200 амандмани.

Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница.

Сподели ја оваа статија