Она што се очекуваше по доаѓањето на Доналд Трамп по втор пат во Белата куќа со македонската редакција на Радио Слободна Европа конечно и се остварува.
Таа престанува да работи за една недела, на 31 март.
Веста ја објави претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус. Заедно со македонскиот сервис на Радио Слободна Европа се затвора и паштунската служба, Радио Машал, наменета за корисниците во Авганистан и дел од Пакистан.
„Затворањето на овие два сервиса е загуба за публиката што ја опслужуваат. Но, сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“, објави Капус на социјалната мрежа Икс.
На крајот на февруари Стивен Капус речиси со истите зборови го најави затворањето и на канцелариите на Радио Слободна Европа/Радио Либерти во Бугарија и Романија исто така на 31 март поради намалување на буџетот.
Тогаш изгледаше дека можеби ќе се најде некој начин да продолжи финансирањето на македонскиот сервис, но очигледно тој обид беше неуспешен, па затворањето изгледа како набрзина доонесена одлука.
Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа е многу почитувана редакција во овдешната јавност поради професионализмот во новинарството. По затворањето на Ал Џезира Балканс ова е уште еден силен удар на независното новинарство во Македонија кое не е дел од политички и други структури.
Прекинувањето на работата на овие четири сервиси е последица на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата одлука пред една година да потпише извршна наредба со која се суспендира финансирањето за Агенцијата на САД за глобални медиуми, а со тоа и државните средства за Гласот на Америка, како и средствата за Радио Слободна Европа и Радио Слободна Азија.
Радио Слободна Европа, кое е финансирано од американскиот Конгрес, е основано во 1950 година за време на Студената војна за емитување во комунистичкиот блок. Четири децении подоцна, тоа придонесе за падот на тоталитарните режими во Централна и Источна Европа.