Најмоќната ракета на НАСА, „Space Launch System“, го осветли вечерното небо над Флорида за време на спектакуларното полетување, испраќајќи четири астронаути на 10-дневно патување околу Месечината.
Историската мисија „Артемис 2“ беше лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во 18:35 часот по источно време, или 35 минути по полноќ, што го означува првото патување на астронаути на Месечината од мисијата „Аполо 17“ во 1972 година.
Во вселенското летало „Орион“, четири астронаути од мисијата „Артемис 2“ ќе летаат околу Месечината. Иако нема да влезат во орбитата ниту ќе слетаат на нејзината површина, мисијата претставува пресвртница во обновените напори на НАСА да го прошири досегот на човештвото надвор од ниската Земјина орбита.
„И – полетување! Екипажот на „Артемис 2“ сега е на пат кон Месечината. Следното големо патување за човештвото започнува“, рече портпаролот на НАСА, Дерол Нехил, за време на преносот на лансирањето.
Екипажот на „Орион“ го сочинуваат астронаутите на НАСА Рид Вајсман (командант), Виктор Гловер (пилот), Кристина Кох (специјалист за мисии) и канадскиот астронаут Џереми Хансен (специјалист за мисии). Сите тројца астронаути на НАСА се искусни специјалисти за вселенски летови со долготрајни мисии до Меѓународната вселенска станица. Хансен е единствениот почетник и ќе стане првиот Канаѓанец што ќе лета во длабоката вселена.
„Имаме најдобар екипаж што можете да го составите од НАСА и Канадската вселенска агенција. Ќе одиме полека и ќе имаме целосна доверба еден во друг – така ќе ја поминеме оваа мисија“, им рече Вајсман на новинарите неколку дена пред лансирањето.
Капсулата „Орион“ сега е безбедно во Земјината орбита, каде што тимовите за контрола на летот ги тестираат нејзините мотори, навигација и системи за поддршка на животот за да се осигурат дека сè функционира беспрекорно пред да се впушти во своето патување во длабоката вселена.
Доколку сите тестови бидат успешни, подоцна ќе го активираат главниот мотор на Орион пет минути и 45 секунди, забрзувајќи го вселенското летало доволно за да испрати четири астронаути на пат кон Месечината.
Астронаутите и тимовите на Земјата треба да бидат сигурни дека сè работи совршено пред да одлучат да одат во длабоката вселена.