Советот на јавни обвинители не донесе одлука за избор на нов шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје. Ниеден од петтемина пријавени кандидати не го доби потребниот број гласови за наследник на Мустафа Хајрулахи.
Претседателот на Советот на јавни обвинители. Башким Селими, рече дека на огласот се пријавиле седум кандидати, од кои двајца, Џелал Бајрами и Трајче Пеливанов, ги повлекле кандидатурите.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека останува на ставот да им се даде шанса на сите за напредок, но дека негов фаворит е Јасмина Костеска-Здравеска.
„Таа е обвинител со интегритет и има вештини и како личност е препознаена во фелата како позитивна и добронамерна, тоа се важни карактеристики за една менаџерска функција”, рече Савески.
Членот на Советот, Марија Илиевска рече дека се согласува со ставот на Савески нагласувајќи дека тоа ѝ се потврдило и од интервјуто со кандидатите.
Здравевска се споменуваше во „бомбите“ на Зоран Заев.
Костеска доби недоволни четири гласа.
Ермонд Незири гласаше за Фатиме Фетаи нагласувајќи дека е кандидатка со најмногу искуство и, според него, најсоодветна. Фетаи доби најмногу воздржани гласови.
Светлана Стојковиќ рече дека за шеф на Вишото обвинителство според неа требало да биде кандидат кој се повлекол, мислејќи на обвинителот Трајче Пеливанов, па од останатите се одлучи за обвинителот кој го затвори случајот со сомнежите за фалсификат на сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски, Владимир Милошевски, кој доби само еден глас.
На седницата на Советот не се разгледа кандидатурата на Александар Марковски кој претходно веќе беше избран за јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
