Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите советници разгледуваат низа опции од однос на воспоставување контрола врз Гренланд, соопштија од Белата куќа, додавајќи дека користењето на војската на САД е „секогаш опција“ во остварувањето на таа стратешка цел.
„Претседателот Трамп стави до знаење дека воспоставувањето контрола врз Гренланд е приоритет на националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е од витално значење да се одвратат нашите противници во арктичкиот регион. Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е опција што секогаш му е на располагање на врховниот командант (Доналд Трамп н.з.)“,изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, пренесоа светските медиуми.
Коментарот на Левит дојде откако лидерите на големите европски земји вчера преку заедничка изјава се спротивставија на најавите и заканите на Трамп за освојување на оваа арктичка територија која е дел од Кралството Данска.
Имено, во знак на солидарност, вчера лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и други нации објавија заедничка изјава со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, во која ги повикаа САД да го почитуваат суверенитетот на земјата. Тие во соопштението напишаа дека безбедноста на Арктикот е врвен приоритет за НАТО, одбрабениот сојуз од кој дел се и САД и Гренланд, кој е дел од територијата на Данска.
„Гренланд припаѓа на нејзините луѓе. Данка и Гренланд, и само тие, треба да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“,се наведува во заедничката изјава.