Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Сиљановска-Давкова: Лани само седум отсто од преговарачите во мировните процеси биле жени
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > МАКЕДОНИЈА > Сиљановска-Давкова: Лани само седум отсто од преговарачите во мировните процеси биле жени
МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова: Лани само седум отсто од преговарачите во мировните процеси биле жени

Објавено October 31, 2025 13:13
Сподели
Сподели

Во формалните мировни процеси женското учество сè уште е симболично, за што говори фактот дека минатата година само седум отсто од преговарачите биле преговарачки, односно жени, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова на одбележувањето на 25-годишнината од усвојување на Резолуцијата на 1325 на ОН – Жени, мир и безбедност”.

-За мене, ова не е само обична бројка, туку предупредувачки факт дека машката половина од човештвото има енормна, односно апсолутна моќ, а женската половина – маргинална или речиси никаква. Да потсетам на предупредувањето на лордот Ектон дека секоја моќ расипува, а апсолутната моќ – апсолутно расипува. Сепак, има на небото светлина. Ретки се светлите примери, но инспиративни: жените во многу постконфликтни општества го предводеа помирувањето, го возобновија социјалното ткиво, ги поврзаа поделените и спротивставените со помош на умот, знаењето, креативноста и емпатијата, најмногу со емоционалната интелигенција, тие дејствуваа исцелително и лековито, враќајќи ги довербата и хуманоста, порача таа.

Советот за безбедност на Обединетите нации пред 25 години ја усвои Резолуцијата 1325, а во обраќањето на настанот во Скопје денеска претседателката нагласи дека со овој документ се сменила перцепцијата за жените, дотогаш најчесто неми сведоци или жртви на конфликтите, а оттогаш активни мировни актерки. Со неа, како што рече таа, биле утврдени два темелни принципи: прво, заштита на жените и на девојчињата од родово заснованото насилство и второ, нивно рамноправно учество со мажите во борбата за мирот и безбедноста.

-Така, Советот за безбедност застана зад разумот и дијалогот, а не зад силата и зад војната. Или, ако со мои зборови, Венера се исправи наспроти Марс. Но, според мене, не се доволни резолуциите, иако се неопходни. Жените, за жал, сè уште се најчестите и најголемите жртви на конфликтите. Војната ги лишува женските суштества од човечкиот субјективитет, ги дехуманизира, ги инструментализира во објект на изживување, нагласи Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека по кој знае кој пат се потврдува дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, ниту женски егоцентризам, туку е хуманистички императив.

-За справување и за надминување на конфликтите не е доволно да се потпише мировен договор, туку е нужно менување на општествените односи, почитување на основните вредности и принципи, напуштање на реликтите на патријахалност и парохијалност, градење демократска култура на живеење. Ќе се согласите со мене дека жените поседуваат способност декларативното да го трансформираат во реалност, преку секојдневниот, активен сестран ангажман во сите димензии и сфери на социјалниот живот, истакна шефицата на државата.

Таа посочи дека традиционалните норми на исклучување на жените од процесот на одлучување не се обичај, туку се неправда, а насилството и безбедноста на жените не се „женски прашања“, туку клучни општествени прашања.

-Демократија се мери и се вреднува и според односот кон жените, оти женските права се човекови права, чиешто остварување го јакнее демократскиот легитимитет и кредибилитет на секој политички систем. Нерамноправноста ја оневозможува правдата, го нагризува мирот и ја загрозува извесноста на иднината, рече таа.

Претседателката посочи и дека жените не бараат предност, туку признавање и користење на нивната еднаква способност во борбата за res publica, за општо добро.

-Агендата за жени, мир и безбедност не повикува на милост, туку на разум и на чест. Таа предупредува дека тие се неостварливи во социјален амбиент во којшто се перцепираат и третираат како привилегија на посилните, наместо како право на сите држави (големи, мали, средни), на сите нации (мали или големи, славни или непознати), на сите човечки суштества. Да ја погледнеме реалноста не само со очите, туку и со умот и со срцето, рече таа.

Претседателката потсети дека денес, кога се одбележува 25-годишнината од Агендата за жени, мир и безбедност и од Резолуцијата 1325, околу седумстотини милиони жени и девојчиња живеат во радиус од педесет километри од зоните на конфликтите, што е највисока бројка во последните три децении.

-За каков просперитет тогаш зборуваме, за каква демократија ламентираме? Јавна тајна е дека структурната и финансиската поддршка на жените, градителки на мирот, е недоволна. Мора повторно да се посветиме на Агендата за жени, мир и безбедност, ама не ad hoc, не симболично, туку стратешки и тактички. Мора да отвориме мировни фронтови на сите страни: во институциите, во образованието, во безбедносните структури, во правосудството, во дипломатските мисии. Да не дозволиме „мирот“ да остане празен, излитен збор што се споменува само на конференции, оти милитаризираниот говор не го сака и го отфрла. Да го вградиме во секојдневието, секаде и секогаш, рече таа.

Во врска пригодната поштенска марка и поштенски жиг посветени на женското лидерство во градењето мир и безбедност, кои ја промовираа Канцеларијата на UN Women во земјава и Пошта, Сиљановска Давкова истакна дека птицата, која на неа ја носи веста за мирот, ќе се вреже, не само во нашите очи, туку и во нашиот ум и секојдневно ќе не потсетува дека имаме недовршени мировни проекти.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Мицкоски: Карпошани избраа да не поддржат човек кој е на црната листа на САД
Следна Статија Два лека против згрутчување на крвта од крајот на ноември ќе може да се земаат на рецепт во аптека и нема потреба од рефундација

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МАКЕДОНИЈА

Сиљановска Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен и значи непочитување и непризнавање

Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано,…

January 9, 2025
МАКЕДОНИЈА

Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Само денес собравме над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, информираше вчера градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески. „Ова…

September 24, 2025
МАКЕДОНИЈА

Муцунски: Нема договор со Велика Британија за прифаќање мигранти – шпекулациите се штетни и неосновани

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски категорично ги отфрли шпекулациите дека Владата или Министерството воделе разговори со Обединетото Кралство за…

October 11, 2025
МАКЕДОНИЈА

Марта Кос: Бугарија и Македонија треба да разговараат и да најдат решение за билатералното прашање

Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни…

June 3, 2025
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?