Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски смета дека премиерот Христијан Мицкоски е лошо информиран од менаџментот во М-НАВ. Смета дека луѓето што ги бираат се очигледно „послушници, а не оние кои ќе им се даде можност да си ја завршат сами работата и да ги бараат резултатите од нив без да им се мешаат“.
Пред неколку дена премиерот изјави дека „ние што сме се бунеле, сме биле тие што тепале“. Веројатно директорите од нашата компанија што го брифираат премиерот, лошо го брифираат. Не му ја кажуваат вистинската ситуација и го наведуваат на погрешни води за да утре тој самиот да си има проблем кога ќе треба да ги оправдува некои искажани изјави во медиумите, рече Тасевски во емисијата „24 анализа“.
Претседателот на Синдикатот на контролори истакнува дека оваа Влада дозволува менаџментот на М-НАВ да ги прави истите грешки како и претходниците. Тасевски вели дека има голем број проблеми во контролата на летање и стравува дека доколку не се корегираат, може да се случи „следно Кочани 2“.
-Жално е, не сакам да го споменувам Кочани, голема трагедија е, многу лоши последици, луѓето почувствуваа на своја кожа. Кај нас се случуваат лоши работи и со таа застарена опрема и со селектирањето на квалитетот во контролата на летање…Работата е отежнета и не се работи како што треба. Треба да пружиме многу квалитетна услуга, а ни се кратат сите шанси и можности за да го сработиме како што треба затоа што некој не сака да постави вистински луѓе и да ни даде одврзани раце. Сите гледаат нечиј личен интерес…Граѓаните нека се запрашаат во 1999 година каков компјутер или мобилен телефон имале дома и нека се запрашаат какви имаат сега. Ние работиме со истата опрема од 1999. Само за споредба, нашите соседи Србија и Албанија сменија по 3-4 системи во меѓувреме, додаде Тасевски.