81 вработен во РЕК Битола побарал лекарска помош во ЈЗУ Клиничка болница Битола поради стомачни проблеми, повраќање и температура.
Според специјалистот инфектолог Хараламбос Сидиропулос, повеќето пациенти имаат лесна клиничка форма и се испратени на домашно лекување, додека едно лице е задржано за понатамошна терапија на Интерно одделение.
„Во нашето одделение се јавија 81 лице со стомачни проблеми, повраќање и температура. Сите се со иста клиничка слика и како причина наведоа конзумирање на храна, лазањи со сос, во кујната на РЕК Битола. Повеќето работници се со лесна клиничка форма. На одредени лица им дадовме инфузија, а едно лице е упатено на Интерно одделение за понатамошна терапија“, изјави Сидиропулос.
Причината за здравствените проблеми, според пријавите на пациентите, е конзумирањето на лазањи со сос од кујната на РЕК Битола. Надлежните институции започнаа истрага и анализа на инцидентот.