Во 2024 година, општините потпишале договори за јавни набавки со 1.210 фирми, што е мало намалување на бројот на договорени фирми во однос на 2023 година. Забележителен е фактот дека дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршува кај само 10 фирми – што укажува и на тренд на постепено намалување на концентрацијата, но и понатамошен ризик од олигополистика и нелојална доминација.
Најзначајна фирма останува Енерџи Деливери Солушнс (EDS), со 42 договори со 38 општини и Скопје, и со најголема вредност – 500 милиони денари или 8,1 милион евра. Фабрика Карпош Скопје го зазема второто место со 10 договори во износ од околу 5,9 милиони евра (главно за инфраструктурни и образовни објекти), додека ЏОВИ КОМПАНИ Ново Село со 10 договори и 5,5 милиони евра е трета најголема.
Најголемиот поединечен договор за јавна набавка е на Општина Струмица со ЏОВИ КОМПАНИ Ново Село – 279 милиони денари (4,5 милиони евра) за изградба на нов градски пазар. Вториот е договорот на Градот Скопје со ЕДС за набавка на електрична енергија од 200 милиони денари (3,3 милиони евра), а третиот е на Општина Аеродром со ЖИКОЛ ДООЕЛ за доградба на ООУ Блаже Конески (197 милиони денари/3,2 милиони евра).
Кај 13 општини една фирма има удел над 50% во набавките на општината, а во речиси половина од општините, една компанија реализира трета од јавните набавки.