Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган официјално го инаугурираше интегрираниот систем за противвоздушна одбрана на Турција, познат како „Челична купола“. На церемонијата во објектите на компанијата Aselsan во Анкара, тој го опиша проектот како „прекретница за земјата и нејзината одбранбена индустрија“.
„Ова е показател на силата на Турција. Во противвоздушната одбрана воведуваме ново доба за нашата татковина,“ изјави Ердоган, потенцирајќи дека најновата фаза на проектот вклучува 47 возила во вредност од речиси 400 милиони евра. „Овие системи ќе внесат доверба кај нашите пријатели, а страв кај непријателите,“ додаде тој.
„Челичната купола“ претставува интегрирана мрежа која ги поврзува копнените и поморските платформи и сензори за воздушна одбрана, со цел заштита на турскиот воздушен простор. Владата не прецизираше кога системот ќе биде целосно оперативен.
Турција и претходно настојуваше да ја засили својата воздушна одбрана, набавувајќи руски системи С-400 во 2019 година. Но тој потег предизвика остра реакција од САД, кои ја суспендираа продажбата на авионите Ф-35 на Анкара, што значително ги наруши одбранбените планови на земјата.
Aselsan has done it again! 🇹🇷
Turkiye’s Steel Dome is getting stronger with new deliveries:
🛡️ SIPER
🎯 HISAR
🔥 KORKUT
👁️ PUHU
📡 ALP#Aselsan #TurkishDefense #SteelDome pic.twitter.com/qHHExj57v0
— International Defence Analysis (@Defence_IDA) August 27, 2025
Сукобите во Сирија и Украина, како и неодамнешните израелски напади врз Иран, дополнително ја поттикнале Турција да инвестира во домашен систем кој ќе обезбеди самостојна и поефикасна заштита.
Покрај новиот систем, Ердоган најави и отворање на нови производствени погони на Aselsan во 2026 година. „Во следните 50 години, Турција ќе биде земја која не само што ги задоволува сопствените потреби, туку и предводи во светот со својата технологија,“ истакна претседателот.
Турција со децении вложува во развој на сопствената одбранбена индустрија, особено по ембаргото за оружје наметнато од САД по турската инвазија на Кипар во 1974 година. Новата „Челична купола“ се смета за клучен чекор кон целосна воена самостојност на земјата.