Фармацевтската компанија „Ели Лили“ достигна пазарна капитализација од 1 трилион долари во петокот, станувајќи првата компанија за здравствена заштита во светот што се приклучи на ексклузивен клуб доминиран од технолошки компании.
„Ели Лили“ накратко достигна граница од трилион долари во утринската трговија пред да се повлече, објавува Biznis.rs.
Последниот пат се тргуваше со околу 1.048 долари по акција. „Ели Лили“ е втората нетехнолошка компанија што ја достигна посакуваната граница од трилион долари во САД, по „Беркшир Хатавеј“ на Ворен Бафет.
Акциите на производителот на лекови пораснаа за повеќе од 36 проценти оваа година, а инвеститорите го поздравуваат растот што го оствари во однос на својот главен конкурент „Ново Нордиск“ во сегментот на лекови GLP-1.
Акциите на компанијата со седиште во Индијанаполис се водат под бран возбуда околу инјекцијата за слабеење „Зепбаунд“ и лекот за дијабетес „Мунџаро“.
Двата лека поттикнаа зачудувачки скок во продажбата на „Ели Лили“.
Минатиот месец, компанијата соопшти дека „Мунџаро“ остварил приход од 6,52 милијарди долари во третиот квартал, што е зголемување од 109 проценти во однос на претходната година. „Зепбаунд“, пак, оствари продажба од 3,59 милијарди долари во тој период, што е зголемување од 184 проценти во однос на истиот период пред една година.