Во домот на апелациониот судија Ѓоко Ристов се врши претрес по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Од Обвинителството ја потврдуваат информацијата, најавувајќи детали наскоро, објавува Фокус.мк
Според неофицијални информации, судијата се поврзува со случајот со мито, за кој неодамна беше уапсен адвокатот Фехми Стафа.
Пред еден месец, кога беше уапсен Стафа, од Обвинителството соопштија дека поранешниот државен правобранител побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор, без да го посочат судијата.
-Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите, информираат од Обвинителството.
Судијата Ристов во 2020 година беше избран за судија во Апелација, а претходно со години работеше во Кривичниот суд.