Пратеникот Антонио Милошоски побара денес од амбасадорот на Кипар за Македонија , Андреас Фотиу, да го стави на дневен ред во Брисел протестот на камионџиите кои за денес најавија блокада на границите кон ЕУ. Фотиу денес ги преставуваше приоритетите на кипарското претседателствување со Унијата, но место за реформи мораше да слуша колку не правиме ништо за да ги продолжиме преговорите со Унијата.
Протестот на камионџиите беше причина претседателот на ова тело, Венко Филипче од СДСМ, да го нарече министерот за транспорт Александар Николоски, „независен аналитичар“, кој драми последниве денови со оценки дека македонската економија ќе доживее колапс ако ЕУ не ги смени условите за влез на нашите камионџии, а не направил ништо да се смени тоа.
„ Нашите граѓани и економија конкретно ќе го почувствуваат ограничувањето на движењето на нашите превозници со воведувањето новиот електронски систем од Европска Унија. Ќе крахира економијата, што би рекол еден независен аналитичар, и со тоа упатува сериозна порака до еден министер и вицепремиер во владата којшто треба да се занима со тоа и којшто требал да направи нешто да тоа не се случи. Тој независен аналитичар се вика Александар Николоски. Предупредува дека ќе крахира економијата, внимавајте кога над 60, 70% од нашата економија, извозот и увозот,се врзани со земји членки на Европската Унија. Граѓаните по којзнае кој пат ќе го платат цехот и цената на овие лоши владини политики“, оцени Филипче.
Тој упати и остри критики кон власта за состојбите во државата и за немањето европски „манири“.
„Дозволете да изразам голема загриженост за ситуацијата во земјата за немањето никаков прогрес на европскиот пат, практично за антиевропските манири што сметам дека ги гледаме во веќе половина од мандатот, скоро и поминат на оваа влада. Освен што не се работи ништо по забелешките коишто ги добиваме од извештаите од Европа, се практикуваат и антиевропски манири“, порача Филипче од говорницата во парламентот.
„Ситуацијата во светот драстично е сменета, напред кон Европа во едни други околности одат Украина, Молдавија. Го слушаме премиерот на Хрватск, Андреј Пленковиќ, како повикува на политички одлуки за прием во Европската Унија, меѓутоа дури и тоа да се случи не ја спомнува Северна Македонија туку се осврнува на Босна и Херцеговина. Што значи дека никаква задача домашна не ја завршена, не сме го зајакнале системот, не можеме да бидеме подготвени ниту за некаква политичка одлука доколку дојде до такво нешто во рамките на Европската Унија“, рече Филипче.
Според него, проблемот е на неколку нивоа.
„Прво, немањето политичка волја да се спроведат уставните измени што се очигледно единствениот начин да се продолжат преговорите, да се отворат кластерите. Покрај најавите на владата дека нешто ќе се репреговара, ќе се менува, очигледно дека тоа не се случува. Дали беа свесни кога тоа го ветуваа или не, тоа останува голема дилема. Мислам дека беа свесни и дека ова е едно намерно запирање на европскиот пат на земја.
Не се спроведува ни реформската агенда ама буквално никако. Од законите коишто требаше да се донесат лани се донесе само еден, набрзина еден од 12, којшто не беше целосна имплементација на препораките на Оценската мисија. Тоа се законот од областа на правосудството, конкретно Законот за судскиот совет,со кој има само парцијална имплементација на тие препораки. Повторно еден обид да се прикаже дека се работи нешто, а во суштина ништо од тоа не е сработено“, коментираше лидерот на СДСМ за реформите.
Тој даде и политички приказ на состојбите внатре:
„Имаме отворено изразување на проруските ставови на, внимавајте, вицепремиерот на нашата влада којшто присуствува на состаноци со луѓе блиски до Путин и тоа не го крие. Во тој контекст е и неговата изјава дека Европа треба да размислува ние да влеземе заедно со, замислете, Србија во членство. Какво е тоа спарување и врз која основа тоа го кажува вицепремиерот Стоиљковиќ, е една голема дилема. Нешто што навистина сметам дека веќе не допира само во аспектите на проширувањето на Европската Унија, во политичките контексти, но и во безбедносните контексти на целиот овој регион“, рече Филипче.
Тој смета дека намерно од страна на власта сме ставени на маргините на Европската Унија, на отворено проруско влијание. Притоа го спомена и случајот со Алта банка, посочувајќи дека сомнителниот капитал што влезе со неа во земјата, откако беше одбиена од земји членки на Европската Унија, отвора прашање зошто е дозволено тоа од страна на гувернерот.
Освен како што ги нарече антиевропските манири со носењето на резолуција во Собранието со која се ограничува слободата на говор на политички субјекти на опозицијата, тој го спомена и влошувањето на односите со соседите со отворање веже затворени прашања, како тоа со Грција, како и со Бугарија.
„ Наместо да се работи за тие односи се подобруваат, да се развиваат, ние влегуваме во ситуација кога затворени прашања повторно се отвораат за некаква националистичка, популистичка политика…Така што, а неспроведувањето на реформите, неправењето никаков чекор кон спроведувањето на уставните измени, ограничувањето на слободата на говор, сомнителниот капитал кој доаѓа од други земји, флертувањето и отворената соработка со луѓе блиски на рускиот претседател Путин, контролата на медиумите од страна на луѓе блиски на Орбан, сето тоа сериозно го покренува прашањето дали оваа влада воопшто, а ја мислам дека не, сака да направи чекор кон Европската Унија“, рече Филипче.
На седницата за првпат како министер учествуваше и Беким Сали кој рече дека европската интеграција не е бирократски процес, туку стратешки и цивилизациски избор кој ги обединува власта, опозицијата, институциите и граѓаните. Тој уверуваше дека Македонија е подготвена да ги исполни своите обврски, да ги спроведе реформите и да биде дел од европските решенија за заедничките предизвици, истакнувајќи ја важноста на конкретните реформи и опипливите придобивки за граѓаните.