Коалицијата „Влен“ соопшти дека Законот за „Безбеден град“ претставува еден од најзначајните законски решенија донесени во државата, бидејќи во својата суштина има за цел да ги заштити животите на граѓаните и да ја унапреди безбедноста во јавниот простор.
Од „Влен“ потенцираат дека овој закон не е наменет за казнување на минимални или технички грешки, туку за превенција на сообраќајни несреќи и зголемување на општата безбедност, особено во урбаните средини каде ризиците се најголеми.
Според нив, имплементацијата на системот „Безбеден град“ ќе придонесе за поголема дисциплина во сообраќајот, намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и спречување на трагични последици кои често завршуваат со повредени или загинати лица.
Од коалицијата нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е приоритет и дека секоја мерка која води кон зачувување на човечки животи треба да се гледа како инвестиција во јавниот интерес, а не како репресивна политика.
„Безбеден град“, како што велат од „Влен“, е систем кој треба да обезбеди сигурни улици, поголема заштита на пешаците и возачите и создавање култура на одговорно однесување во јавниот простор.