За недовербата или довербата во македонското судство која е едвај два проценти говори и случајот за недоспаен долг од близу половина милион евра, за што судијката Бисера Стефковска Митиќ и замрзнала на компанија 1, 5 милион евра.
За случајот пишува неделникот „Фокус“, а во текстот се објаснува за незаконското постапување во граѓанскиот суд и за тоа како недоспеан долг од 467 илјади евра доведе до блокада од 1,5 милиони евра.
Станува збор за спор меѓу компаниите „АР Груп“ и „МКМ Експрес“, а истиот се однесува на преддоговор за купување деловен простор во Скопје вреден над 1,4 милиони евра, пишува Фокус.
Нецел месец по основањето во 2022 година, компанијата „АР Груп“ склучила преддоговор со „МКМ Експрес“ за купување на деловен простор од 637 квадратни метри, плус гаражни места, за вкупна цена од 1.451.393 евра.
Но, купувачот (АР Груп) воопшто не го уплатил авансот, што било основа продавачот да го раскине договорот. Сепак, двете страни склчуваат анекс со нова диманика на плаќање, која повторно не ја почитува купувачот. Набргу потоа, тие склучуваат и втор анекс, по што „АР Груп“ врши две уплати од вкупно 467 илјади евра.
И двете уплати биле задоцнети и пониски од висината на договорените рати. Овојпат продавачот одлучил да го раскине преддоговорот, кој му дава такво право заедно со обврска да ги врати уплатените средства откако истиот деловен простор ќе го продаде на други субјекти.
Но, „АР Груп“ не ги чекал средствата назад, туку одлучил по судски пат да ги бара од „МКМ Експрес“ не само уплатените 467 илјади евра, туку и дополнителни над 1,1 милиони евра во име на материјална штета, или вкупно 1,5 милиони евра.
Набргу потоа, „АР Груп“ поднела тужба. Со неа, компанијата побарала враќање на уплатените средства и дополнителни 1,1 милиони евра за наводна материјална штета.
Врз основа на ова барање, судијката Бисера Стефковска Митиќ донела решение за привремена мерка. Така, на „МКМ Експрес“ му било забрането да располага со средства до износ од околу 1,5 милиони евра.
Од „МКМ Експрес“ тврдат дека одлуката е донесена без тие да бидат соодветно известени за постапката. Според нив, поканата за одговор на тужбата не им била уредно доставена.
Исто така, компанијата наведува дека за наводната материјална штета од 1,1 милиони евра немало изработено вештачење. Поради тоа, тие ја оспориле одлуката со жалба пред Апелацискиот суд.
Покрај тоа, најавиле барање за изземање на судијката и претставка до Судскиот совет.
Судијката Стефковска Митиќ ги отфрла обвинувањата. Таа наведува дека постапката е водена согласно Законот за парнична постапка.
Според неа, тужбата била испратена на регистрираната адреса на тужениот, но по два неуспешни обиди за достава била објавена на огласната табла на судот.
Таа додава дека решението за привремена мерка не е правосилно и дека странките имаат право да го оспорат со жалба.
Во меѓувреме, „МКМ Експрес“ предупредува дека блокадата на средствата сериозно ја загрозува ликвидноста на компанијата. Тоа, како што велат, се случува во период кога компанијата гради станбено-деловен комплекс со околу 600 станбени единици.
Случајот сега се наоѓа пред Апелацискиот суд, кој треба да одлучи по жалбата против привремената мерка.