Скандалот со емитувањето на детска песна на МРТ2 на албански јазик, во која се воспева „Голема Албанија“, како и одговорноста за него, ќе бидат тема на седница на Програмскиот совет на МРТ закажана за утре.
Во рамки на детска фестивалска програма емитувана на 28 март, беше прикажан настап на 13-годишно девојче кое ја изведе песната „Trojet shqiptare“. Содржината на песната и симболите (мапа на „Голема Албанија“) употребени за време на изведбата предизвикаа бурни реакции во јавноста.
Според стиховите од песната, отворено се пееше за територијални претензии он Македонија, кон Грција, кон Србија, кон Црна Гора… „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, „ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“… беа дел од стиховите со јасна порака за обединување на албанските територии.
Претходно директорот Марјан Цветковски посочи дека се утврдува како ваква содржина поминала низ програмските филтри и кој дал зелено светло за нејзино емитување.
Според интерни информации од телевизијата, во тој период уредничката на вториот канал била отсутна поради боледување, така што треба да се утврди кој ја презел одговорноста за финалната селекција на програмата и одлуката да се емитува таква содржина.
