Министерството за образование и наука (МОН) започна постапка за поништување на дипломи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и на Славјанскиот универзитет, по утврдени сериозни неправилности во издавањето на академските документи. Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека двата случаи се веќе пријавени во Јавното обвинителство, кое ќе го води понатамошното постапување.
На Филозофскиот факултет при УКИМ, МОН поништува осум дипломи, поврзани со претходно поништени осум уписи, а предмет на постапката се вкупно 17 студенти. Дел од студентите биле запишани на втор циклус студии и веќе стекнале магистерски дипломи, додека други го продолжиле образованието на трет циклус, односно докторски студии. Факултетот има обврска да поништи уште едно преостанато уверение, по што МОН ќе ги поништи документите за сите осум засегнати студенти.
Вториот случај се однесува на приватниот Славјански универзитет, каде што се поништени две дипломи на еден ист студент. Според Јаневска, студентот истовремено бил запишан на додипломски и постдипломски студии.
„Постои сериозно сомнение дека станува збор за фалсификат на двете дипломи“, изјави министерката.
Јаневска истакна дека МОН постапува строго согласно законските одредби и дека не се прави разлика меѓу државните и приватните високообразовни установи. „Секаде каде што ќе утврдиме неправилности, ќе постапуваме. Јавното обвинителство е институцијата што понатаму ќе одлучи како ќе се води постапката“, рече таа во понедленикот (4 мај) по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“.
Информациите за поништените дипломи ќе бидат јавно објавени во дневните весници и на веб-страницата на МОН.
Постапката следи по вонреден надзор извршен од Државниот просветен инспекторат, кој утврдил дека на Филозофскиот факултет при УКИМ, уште од 2019 година, противзаконски биле запишувани студенти на магистерски и докторски студии.
Станува збор за студенти кои завршиле тригодишни стручни студии, кои, според Законот за високо образование од 2018 година, не обезбедуваат право на директен премин во втор и трет циклус академски студии.
Раководството на факултетот донесе одлука за прекин на студирањето на 11 студенти — седум на магистерски и четворица на докторски студии. Досега, осуммина стекнале магистерски дипломи, додека ниту еден студент не докторирал.
