Првиот човек на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, денеска ги демантираше обвинувањата за влијание по запирањето на постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Реакцијата на Абази доаѓа откако денеска вакви обвинувања изнесоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои одлуката за ја оквалификуваа како „контроверзна“.
На денешниот брифинг со новинарите, Абази рече дека во своето работење нема вршено никакви притисоци врз колегите.
„Јас ни како обвинител, ни како виш, на ниеден обвинител не сум му сугерирал, ниту пак сум ја загрозил неговата самостојност. На ниеден јавен обвинител не сум вршел притисок или влијание да донесе некаква одлука“,изјави Абази.
Претходно, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ упати сериозни обвинувања на сметка на шефот на ОЈО ГОКК. Според него, со одлуката да се запре постапката, од одговорност се ослободени поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој се наоѓа во бегство, како и бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски.
Милошоски обвини дека обвинителството постапувало под политичка диктатура и праша зошто бегството на Ковачевски не било земено како дополнителна индиција за вина, заклучувајќи дека со ова дополнително се урива довербата во правосудниот систем.
Утринава од ОЈО ГОКК соопштија дека е запрена постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Станува збор за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, а во неа беше опфатен и поранешниот директор на „Електрани на Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски.
Акцијата беше спроведена на 10 март, минатата година, по која на Капушевски и на Јахоски им беше одредена мерка притвор. На Јахоски, првично судот му одреди куќен притвор, но неколку дена подоцна таа беше заменета со активен притвор, за да во мај Апелација одлучи да му го укине притворот на газдата на „Пуцко петрол“ и да му одреди мерки на претпазливост, во замена за гаранција од околу 2 милиони евра во готовина и недвижен имот.
Но, како што соопштија денеска од ОЈО ГОКК, едногодишната истрага не нашла докази дека тогаш осомничените ги сториле кривичните дела.
