Министерството за внатрешни работи воведе нов кодекс за облекување кој ќе важи и за вработените и за граѓаните што ги користат услугите во Одделот за граѓански работи.
Од Министерство за внатрешни работи велат дека мерката е донесена со цел да се зачува професионалниот изглед на институцијата и да се обезбеди посоодветна атмосфера при користење на административните услуги.
Според новите правила, граѓаните кои доаѓаат за лични документи, пасоши или други услуги треба да бидат облечени соодветно за државна институција.
Како несоодветна облека се наведуваат премногу кратки и тесни здолништа, шорцеви за плажа или спорт, како и облека што открива делови од телото или долна облека.
Не се дозволени ниту тренерки, спортска облека, папучи, влечки, апостолки и друга неформална обувка, како и гардероба со навредливи пораки, симболи или слики.
Од МВР посочуваат дека кодексот важи и за вработените, со цел да се обезбеди унифициран и професионален изглед во сите служби.
