Бугарскиот премиер Румен Радев од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват испрати директна порака до Македонија: за да продолжи европскиот пат, земјата треба да ги впише Бугарите во Уставот.
Во изјава за ДВ, Радев ја повтори позицијата на Софија дека уставните измени се условот што треба да го отвори патот кон следната фаза од преговорите со Европската Унија.
Радев практично ја сведува бугарската позиција на една главна точка – впишување на Бугарите во македонскиот Устав. Но, токму тоа прашање веќе не е само билатерален спор меѓу Скопје и Софија, туку дел од европската преговарачка рамка. Европскиот советник Антонио Кошта при посетата на Скопје порача дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот пат кон формално започнување на преговорите.
Во таа смисла, изјавата на Радев не е изолирана дипломатска порака, туку потсетување дека Бугарија успеа своето барање да го вгради во европскиот процес. Радев и претходно јавно тврдеше дека уште во 2021 година го покренал прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав и дека му била потребна една година за да ги убеди европските лидери во таа позиција.
За Македонија, проблемот е што европскиот пат повторно се сведува на домашна политичка блокада. Уставните измени немаат двотретинско мнозинство во Собранието, власта инсистира на гаранции дека нема да има нови бугарски условувања, а опозицијата бара процесот да не се користи за понатамошно одложување на преговорите. Во меѓувреме, Албанија и Црна Гора се движат побрзо во европскиот процес, додека Македонија останува заглавена во прашање кое веќе стана тест за политичка волја, дипломатска способност и институционална зрелост.
Пораката од Тиват има и поширок контекст. Европските лидери, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, нагласуваат дека ЕУ мора да покаже дека е подготвена за проширување, бидејќи последното членство во Унијата беше пред 13 години, со влезот на Хрватска во 2013 година. Истовремено, Црна Гора се профилира како најнапреден кандидат, со амбиција да стане следната членка на ЕУ.
