Албанската полиција започнува блиска соработка со хомологните структури од соседните земји со цел да се гарантира максимална безбедност за време на претстојното лето.
Заедничките патролни служби ќе бидат распоредени на клучните точки каде фреквенцијата на туристи е најголема.
„Меѓународната полициска соработка за летото ќе биде со Македонија, Косово, Црна Гора и Италија. Нашата полиција ќе обезбеди заеднички патролни служби, со овие земји, чии полицајци ќе доаѓаат во нашата земја, а се во интерес на туристите. Заедничките патроли ќе бидат долж крајбрежјето но и на најфреквентните патни правци“, изјави Димитраќ Зиу, директор на Одделот за јавен ред и безбедност при албанската државна полиција.
За реализација на овој план, двете страни ќе потпишат официјални договори за соработка со важност во текот на целата летна сезона.
Покрај странските полициски сили, на патиштата ќе биде поставена и најсовремена опрема за мониторинг.
„Во текот на туристичката сезона, радарите и најсовремената технологија ќе бидат на патиштата за да го следат движењето и сообраќајот на возилата, за да се спречат прекршувања на сообраќајните правила и прописи. Од брегот до главните национални оски, структурите на Државната полиција и нивните колеги од соседните земји, ќе бидат во состојба на готовност во текот на летната сезона за да обезбедат ред и да спречат инциденти“, посочи Зиу.
Паралелно со меѓународните сили, на терен ќе бидат мобилизирани и најмалку 1.600 албански полицајци од повеќе структури.
„Државната полиција презеде план мерки за непречено одвивање на туристичката сезона, каде што на терен ќе бидат распоредени 1.600 полицајци. Овие полицајци се од специјалната единица „Шќипоња“, сообраќајната полиција, оперативните сили и Националните безбедносни сили“, изјави тој.
Во подрачјата кои се мапирани како попроблематични, предвидено е дополнително зголемување на полициското присуство и отворање привремени полициски станици.
