Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Олександр Сирски од функцијата врховен командант на вооружените сили и за негов наследник го именува Михајло Драпатји, досегашен командант на здружените сили на Украина.
Одлуката следува по неколкудневните протести што избувнаа по разрешувањето на поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров. Според информациите, Федоров бил сменет поради несогласувања со Сирски, кој дел од јавноста го критикуваше дека применува советски начин на командување и не покажал подготвеност за подлабоки реформи во армијата.
По разрешувањето, Сирски изјави дека ја остава армијата во подобра состојба отколку кога ја презел командата.
„Армијата што пред две години водеше тешка одбранбена кампања сега е во офанзива. На мојот наследник му предавам армија која не само што ја држи линијата, туку и напредува. Искрено се надевам дека оваа офанзива ќе продолжи“, изјави Сирски.
Новиот врховен командант, 43-годишниот Михајло Драпатји, припаѓа на помладата генерација украински офицери, чија воена кариера се развиваше за време на борбите со руските сили.
Во видеообраќање, Зеленски му се заблагодари на Сирски за неговата улога во клучните воени операции, особено за одбраната на Киев во првите недели од руската инвазија во 2022 година.
