Лидерот на опозициската ДУИ го обвинува Судот пред странските претставници дека носи етнички одлуки, врши мајоризација, веќе го укинал „балансерот“, чепка во албанскиот јазик, а под закана се и „хашките случаи“, односно Законот за амнестија. Ахмети е загрижен и дека Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија бидејќи бил советник на Мицкоски и брат на Васко Наумовски, поранешниот вицепремиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ги алармира меѓународните партнери дека Уставниот суд со отворањето на исклучително чувствителни прашања може да ги дестабилизира меѓуетничките односи во земјава. Преку нон-пејпер до кој дојде „Слободен печат“, Ахмети го обвинува Судот пред странските претставници дека се трансформирал во параполитичка институција, носи етнички одлуки, врши мајоризација, веќе го укинал „балансерот“, чепка во албанскиот јазик и под закана се „хашките случаи“, односно Законот за амнестија.
ДУИ веќе побара претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски да поднесе оставка, откако беа отфрлени сите иницијативи пред овој суд за Законот за прекршоци, а не исклучува дека ќе бара и негова кривична одговорност, бидејќи го „урива“ уставниот поредок на земјава. Лидерот на ДУИ токму со овие аргументи врши притисок пред странците за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, односно одлуките за законите донесени со двојно мнозинство, Судот да ги носи според Бадентеровиот принцип.
Извор: Слободен печат.мк