Уставните измени остануваат клучни за продолжување на преговорите на Македонија со ЕУ, но одговорноста за застојот не е само во Скопје туку и во Брисел – порачаа денес повеќе европарламентарци, расправајќи по извештајот на Томас Вајц за нашата држава, објави Независен.мк
Нови, во споредба со лани, беа барањето европската дипломатија да се вклучи повеќе во барањето решение, намалената агресивност на бугарските европратеници и пораката дека граѓаните во Македонија се веќе „уморни и исцрпени“ од евроинтеграцијата, откако во 2005 година земјата доби статус кандидат за членство. Сепак, главната одговорност беше посочена во македонската влада и немањето на политичка волја да се одблокира процесот, иако и натаму праќа сигнали во Брисел дека е заинтересирана за членство и за исполнување од барањата од Реформската агенда.
Практично, ниту еден од говорниците, од претседавачот на Комитетот за надворешни прашања на ЕП, Дејвид Мекалистер, известувачот Вајц, преставниците на Европската комисија и на Европскиот совет, покрај парламентарците, не пропушти да каже дека Македонија не напредува поради немање политичка волја да се направат измените на Уставот.
„Потребни се многу напори од многу страни, многу раце што ќе помагаат за земјата да тргне напред“, ја сумираше расправата известувачот Ваjц, лоцирајќи ја потребата за помош во секој аспект, од решавањето на прашањето со уставните измени, пишувањето на законите за рефомската агенда, па до нивното имплементирање.
Вајц, по ланското искуство со извештајот кога беше грубо нападнат од бугарските парламентарци дека бил пристрасен, сега излезе со многу пократка верзија, за, како што забележа друг парламентарец, не остави простор за многу интервенции во деталите. Тој прво се фокусираше на постигнувањата, посочувајќи го напредокот во изградбата на коридорите 8 и 10д, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, константната поддршка на Украина, влегувањето во СЕПА и се уште подобрите оценки за клучните реформи во однос на другите земји кандидати, но со забелешка дека имало мало назадување во медиумските слободи.
За владеењето на правото тој оцени дека има уште „многу на масата што треба да се направи“, бидејќи прогресот што го видел не е значаен, и дека треба „масивно да ги забрзаме напорите“ за остварување на барањата од Реформската агенда што треба да се испочараат до јуни. Околу малцинствата тој рече дека се дел од успешната сторија на земјата, особено ако се знае историјата на регионот, но дека самоопределувањето е дел од евроопското законодавство и треба да се исполни, без да ги спомене директно Бугарите во Уставот.
„Во однос на уставните измени – многу е јасно дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од нашето европско законодавство и, следствено, дел од преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Затоа постои потреба ова барање да се исполни со внесување дополнителни малцинства, односно заедници кои се присутни во земјата, во Уставот. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата, каде што инклузијата и споделувањето на власта меѓу различни етнички групи – мнозинство и малцинства – се клучна компонента“, рече Вајц.
Вајц исто така рече дека на земјата ургентно и требаат странски инвестиции, особено во енергетиката, бидејќи и натаму главното производство на струја е од јаглен што резултира со големо загадување на воздухот. Генерално тој нагласи дека апликацијата на Македонија за членство во ЕУ е стара повеќе од 20 години и дека е време земјата да оди напред, дека пред нас има вистински „прозорец на можности“ и се надева дека нашата влада нема да го пропушти.
Македонија дефинитивно припаѓа на ЕУ, но „реформскиот моментум бара политичка одлучност околу уставните измени“, рече европарламентарецот од Словенија, Матеј Тонин. Според него, за да го одблокира својот потенцијал Македонија треба од слабоста да направи предност, мислејќи на успешната приказна на Вајц околу малцинствата. Холандскиот европарламентарец Тиј Реутен, откако нагласи дека македонските граѓани се уморни и им треба напредок, причините што го нема ги лоцираше во нашата земја, но и во Европскиот совет кој според него не ни обезбедил кредибилна перспектива.
„Советот мора да проработи на тоа. Оваа ситуација не ѝ одговара ни на Македонија ни на Европа“, рече тој.
Најгласен сепак беше Антонио Тангер Кореа од Португалија кој оцени дека македонските граѓани не се само уморни од чекањето членство, туку и се одалечуваат од ЕУ.
„Македонија го заврши скринингот на 7 декември 2023 година. Тие прават што можат. Тие исто така го реформираа и уставот досега и сменија закони. Но, во однос на малцинствата и на внатрешната политика околу тоа треба да добијат друг третман – повеќе да ги поддржуваме, а не да бараме. ЕУ треба да биде стабилизирачки а не дестабилизирачки фактор, дозволувајќи различни малцинства да ги искористуваат преговорите со ЕУ и кревката позиција на земјата. Треба да го држиме регионот на патот на соработка и стабилност бидејќи тоа е интерес и на ЕУ“, рече Кореа, кој е член на групата Патриоти за Европа.
Бугарските парламентарци очекувано проблемот го лоцираа во јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, потврдувајќи дека граѓаните во Македонија навистина се уморни од евроинтеграцијата, но дека – политичката елита не е ! Според Ивајло Валчев од ГЕРБ актуелната власт продолжува да бара надворешни проблеми за да ги прикрие внатрешните, нарекувајќи ги особено проблематични јавните изјави на премиерот Мицкоски кој според кои често ја засилуваат конфронтирачката реторика – и кон опозицијата и критичките медиуми, и кон соседните земји и самата Европска Унија. Македонија заслужува да стане членка на ЕУ, но не по секоја цена, рече тој, нагласувајќи дека според извештајот на ЕК власта нема значаен напредок во борбата со корупцијата, во земјата нема вистинска независност на судството, нема независност на обвинителството, а кога го нема тоа- нема како да се заштитат ни човековите права. Македонската влада, според него, покажува недостиг на политичка волја и на стратешка визија за интегрирањрто во ЕУ и дека без посветеност на добрососедските односи и на европските вредности земјата не може да оди напред.
Преставниците на ЕК и на Европскиот совет, откако ја нагласија потребата од уставните реформи, се фокусираа на позитивните сигнали, според нив, од македонската влада. Тука ги вклучија направениот Патоказ за јавната администрација, што е услов за отворање на првиот кластер во преговорите, подготвениот Акциски план за малцинствата, Патоказот за владеењето на правото, новиот закон за обвинителствата и најавите од Владата тука дека ќе работат на нов изборен и Кривичен закон. Пораката беше дека и покрај ограничениот напредок сме покажале заинтересираност да продолжиме со реформите што ги бара ЕК.