Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека германските власти, со одбивање на испораки на руски енергетски производи од идеолошки и геополитички причини, го водат својот народ „до работ на бездната“.
Захарова изјави дека, и покрај влошувањето на германската економија, официјален Берлин продолжува да ги игнорира последиците од откажувањето од руската енергија, што, како што процени таа, најмногу ги погодува германските граѓани, објави ТАСС.
Според неа, ниту еден современ германски политички лидер не навестил за можноста за враќање на енергетската соработка со Русија, додавајќи дека таквата политика, како што тврди таа, води кон уништување на германската индустрија и економска стагнација.
Таа потсети дека Германија претходно била најголем увозник на руски енергетски производи, што придонело за развојот на индустријата и конкурентноста на германските стоки.
Захарова, исто така, изјави дека откажувањето од тие испораки довело до зголемување на трошоците за бизнис и бран банкроти, тврдејќи дека во Германија банкротира нова компанија на секои 20 минути.
Советот на Европската Унија одобри целосна забрана за снабдување со руски гас во ЕУ од 2027 година, при што увозот на руски течен природен гас ќе биде забранет од 1 јануари истата година, а гасот од гасоводот од 30 септември, 2027 година.