Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, истакнувајќи дека станува збор за историски настан за градот, крајбрежјето и соседните општини.
-Ми претставува особено задоволство што можам да присуствувам на еден историски настан и за Охрид и за охридското крајбрежје и за останатите општини кои што тука гравитираат. Со оваа реконструкција на аеродромот се зголемува самиот капацитет и квалитет, и се надевам дека ќе биде завршено во предвидениот рок, рече Мицкоски.
Премиерот исто така истакна дека за првите два месеци од годинава, скопскиот аеродром има зголемување на патници од 30%, а охридскиот околу 20%. Според очекувањата на директорот на ТАВ Македонија, оваа година ќе се забележи двоцифрен раст на двата аеродрома.
-Разговараме и преговараме со голем број на тур-оператори кои ќе организирано носат туристи на охридското крајбрежје. Со еден веќе сме во завршна фаза на преговори и се надеваме дека наскоро ќе потпишеме договор. Станува збор за туроператор којшто надвор од сезоната условно кажано, иако се трудиме сезоната да биде 365 дена овде, надвор од онаа летна сезона да донесе некаде вкупно околу половина милион ноќевања, додаде Мицкоски.
Мицкоски појасни де врз основа на досегашната соработка со овој туроператор, анализите покажуваат дека гостите коишто тие ги носат дневно трошат вклучително со сместување и останатите трошоци, просечно околу 170 евра што ќе каже дека надвор од сезоната ќе имаме само во туризмот и угостителството на охридското крајбрежје отприлика околу 85 милиони евра што мислам дека ќе биде додадена вредност за економијата во овој регион.
Ова е истовремено можност за хотелиерите и угостителите, да персоналот и вработените ги задржат и за периодот надвор условно кажано од летната туристичка сезона, рече премиерот во своето обраќање и додаде:
„Така што сепак ова е само еден, тоа значи секој ден 2.000 гости надвор од сезоната. Сега треба да поработиме заедно со сопствениците на сместувачките капацитети да може да се зголемат за таа бројка да не се дуплира во одредена мерка, па да имаме 4.000 гости коишто ќе дојдат од Скандинавија, Обединетото Кралство, од Германија, Франција, итн. тука на охридското крајбрежје и да поминуваат дел од своето време надвор од летната туристичка сезона“.
