Повеќе од 10.000 хотели низ Европа се приклучија на заедничка тужба против платформата за онлајн резервации Букинг (Booking.com), тврдејќи дека со години компанијата ја ограничувала можноста на угостителите да нудат пониски цени за своите услуги на други продажни канали, па дури и на сопствените веб-страници.
Според обвинителите, таквата практика е спротивна на прописите на Европската Унија. Колективната акција ја иницираше европското здружение на хотелската индустрија Хотрек, објави NL Times.
Букинг на суд поради „пумпање“ цени
„Европските хотелиери страдаат со години поради нефер услови и претерани трошоци. Сега е време заедно да се бориме за обештетување“, рече претседателот на таа организација, Александрос Василикос.
Покрај тоа, холандската организација за заштита на потрошувачите Конзументенбонд објави паралелна масовна тужба во име на гостите кои потенцијално биле оштетени. Во првата недела од поднесувањето, околу 180.000 потрошувачи изразија подготвеност да се приклучат на тужбата.
Компанијата „Букинг“ со седиште во Амстердам ги отфрли обвинувањата уште во јули и смета дека тоа е погрешно толкување на претходните судски пресуди. Портпаролот на компанијата рече дека е „апсолутна бесмислица да се тврди дека „Букинг“ вештачки ги зголемил цените“.
Европскиот суд на правдата минатата година пресуди дека таканаречените клаузули за паритет на цените – кои им забрануваа на хотелите да нудат пониски цени надвор од платформата на „Букинг“ – се излишни и потенцијално штетни за конкуренцијата на пазарот. Компанијата тврди дека ваквите одредби не се автоматски нелегални, но „Букинг“ ги отстрани од своите европски операции.