Свети Фануриј е славен великомаченик кој се празнува на 9. септември и за кој се верува дека помага во исполнување на желбите. Се верува дека на овој ден се меси и сладок колач во чест на маченикот кој е познат како заштитник на учениците и студентите.
Погачата Фануропита или Фанурија го добила името по младиот светец Фануриј кој живеел на островот Родос.
Се приготвува кога имате некаква потреба, нешто изгубено или работа, стан, љубов.. му се молите на Свети Фануриј, го правите овој колач, а светецот ќе ви ја исполни вашата желба. Ова е народно верување и обичај. По тој повод верниците замесуваат колач посен со само 9 состојки. Обичај е на ова лепче на која е ставена свеќа, заедно со малку црвено вино да се носи во црква и да биде благословено.
Откако лепчето ќе се испее се крши и се раздава со добра мисла на останатите верници. Карактеристично е додека се меси личноста што го прави се моли за благодет, среќа и мир во семејството и домот, а потоа си замислува желба.
Во преданието постои благоговен обичај за принесување на фануропита (или фанурија), како знак за благодарност на светителот за откривање на изгубени нешта. Откако фануропитата ќе се благослови, обично се разделува на собраните верници со зборовите: „Господ да ѝ прости на мајка му на св. Фануриј“.
Сè додека овој чин се прави со страв Божји и во слава на споменот на маченикот, верниците остануваат верни на Христа и Евангелието.