Екоцид – запалени депонии, отпади и шумски пожари со кои институциите не можат (или не сакаат) да се справат. Лиценци делени „под рака“, увоз на отпад од цел свет без да имаме пристојни депонии. Наместо модерни решенија, клучното прашање е – кој ќе го земе процентот од корупцијата, по цена на човечки животи пишува поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.
Наместо да ги штитат граѓаните, со децении екологијата ја водат некомпетентни и незаинтересирани кадри. Затоа сме на врвот по загаденост на воздух, вода и почва, а здравствениот систем едвај се справува со последиците. Истовремено илјадници политички поставени луѓе седат во управни и надзорни одбори, земаат паушали и трошат јавни средства – без да решат ниту еден проблем.
Некомпетентноста, корупцијата и криминалот – станаа нови „вредности“. Народот – парализиран од страв и апатија, заглавен во секојдневието и сопствените проблеми, незнаејќи дека како што вели Томас Џеферсон:
„Ако граѓаните се незаинтересирани за политиката, тие ќе го добијат владеењето што го заслужуваат.“
Историјата не учи дека Рим не пропадна од надворешни непријатели, туку од внатрешна корупција и декаденција. Историјата се повторува – само што ние молчиме.
А како што вели Аристотел:
„Кога корупцијата станува начин на живот, државата умира.“
Ако молчиме, ќе заслужиме само да преживуваме – но никогаш да живееме, заклучува Миноски.