На Универзитетската клиника за очни болести во Скопје биле извршени 16 хируршки интервенции – трансплантација на рожница, односно кератопластика. Најмладиот пациент кај кого била извршена пенетрантна кератопластика е момче на 13-годишна возраст, изјави на денешната прес-конфренција директорката на Клиниката доцент д-р Наташа Шекеринов.
Како што објасни д-р Шекеринов, 13-годишниот пациент бил дијагностициран на Клиниката во Скопје во одделот за преден сегмент, а со странската експертиза се потврдило дека има индикација за извршување на овој вид интервенција.
Се работи за пациент со поставена дијагноза на една состојба којашто е стекната, се стекнува во првата и втората декада. Дијагностициран е, поставена е дијагнозата и поставена е индикација којашто е во тој степен, ‘градус 3’ ние велиме, каде што има комплетна индикација за извршување на оваа хируршка метода — пенетрантна кератопластика. Дијагнозата е кератоконус. Видот во моментот му беше загрозен и тоа е една состојба во којашто доколку не се направи овој тип на интервенција, ќе има траен губиток, односно може да перфорира окото, односно може да го изгуби видот. Што значи, навремено беше и поставена и изведена хируршката метода овде. Пациентот е најмладиот досега, и оперативниот и постоперативниот тек се во ред, сега е во стабилна состојба, изјави д-р Шекеринов.
Таа објасни дека интервенциите се спровеле во координација на Клиниката за очни болести со националниот коодинатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, при што била повторно овозможена едукативна посета на еминентна делегација од САД, од Универзитетот Дјук, предводена од проф. д-р Лојд Вилијамс
Експертскиот тим, заедно со офталмохирурзите од нашата клиника од одделот за преден сегмент на окото, ги извршија споменатите 16 хируршки интервенции. Процесот се реализираше во два паралелни мултидисциплинарни тима кои вклучува: офталмолози, анестезиолози, медицински сестри инструментарки и останатиот медицински персонал, изјави доц. д-р Шекеринов.
Како што објасни директорката на Очната клиника согласно поставената медицинска индикација, кај пациентите бил применети три типа на хируршки интервенции: DMEK метода која била извршена кај тројца пациенти, потоа DSAEK метод, извршен кај тројца пациенти и пенетрантна кератопластика кај десет пациенти.
Кај првите шест пациенти (методите DMEK и DSAEK) станува збор за најсовремена, минимално инвазивна хируршка техника каде се трансплантира само еден слој од рожницата. Тоа е микрохируршка процедура која бара голема прецизност и се изведува без примена на шевови. Овие процедури за првпат се изведуваат во нашата земја и на Клиниката за очни болести, а генерално се ретки и во регионот, кажа д-р Шекеринов.
Во рамките на оваа активност, Клиниката успеа да обезбеди ткиво преку донација. Во соработка со националниот координатор проф. Кузмановска, Универзитетот Дјук донираше рожници преку корнеалната банка „CorneaGen“ од Сиетл, САД.
Јас сакам да потенцирам дека оваа меѓунаордна соработка во медицината, особено во полето на трансплантација е многу важна. Ние добиваме експертиза од врвен, офталмолошки тим од Дјук Универзитетот во САД. Оваа соработка ја започнавме минатата година, нивната прва посета беше во ноември, кога за прв пат започнавме трансплантација на корнеи. Тогаш беа трансплантирани девет пациенти. Повторената посета минатите неколку дена резултираше со 16 трансплантирани пациенти на најразлична возраст, рангот од 13 години до 80 години, а соработката со Дјук Универзитетот продолжува, изјави проф. д-р Кузмановска, националната координаторка за трансплантација.
Таа ја потенцираше важноста на трансплантационата медицина.
Значи трансплантацијата, покрај тоа што спасува живот, гледаме дека и го подобрува квалитетот на живот. Имаме пациенти коишто биле слепи, а сега ги излекуваме од слепило. Меѓутоа, сето тоа е благодарејќи на донирани ткива. И уште еден апел: да негуваме, да ја охрабруваме културата на донација на ткива и органи по смртта. Ако немаме органодорство, и експертизата, и знаењата, и медицинските екипи (ќе бидат залудни), а најмногу ќе настрадаат пациентите кои чекаат ткива и органи, изјави проф. д-р Кузмановска
Министерот за здравство Азир Алиу изрази големо задоволство од соработката на Очната клиника со Дјук Универзитетот и потеницираше дека денес нашите граѓани имаат светски техники коишто се применуваат за дефинирање на трансформација на болести од едно ниво на друго ниво.
Задоволство е што тука имаме врвен експерт којшто заедно со нашите професори и експерти од клиниката работат заедно. Освен тој трансфер на знаење, дефинитивно ние креираме и ресурси, човечки ресурси коишто понатаму ќе можат истите техники да ги применуваат во нашиот здравствен систем, којшто е задоволство и така и се унапредува. Затоа еден од клучните елементи и еден од клучните столбови е да инвестираме и понатаму за подигнување на нови вештини, нови техники и технолошки пристап кон здравството и кон различни болести, изјави Алиу.
Тој изрази големо задоволство и благодарност до националанта координаторка за транспалантација која работи интензивно за да може трансплантацијата да биде дел од нашиот секојдневен живот и нашите секојдневни процеси во здравството, додавајќи дека во Министреството се работи на измена на законот за дарителство на органи.
Бидејќи ние навистина веруваме дека трансплантацијата и донорството спасуваат животи, а без донори тоа може да биде само слово на хартија. Затоа ние како Министерство за здравство работиме на измена на законот за донорство, каде што ќе може секој граѓанин додека е жив да може да се изјасни за да може да се донираат дел од органите на нашите граѓани. Тоа е чин на хуманост, тоа е чин којшто дефинитивно помага и пристап којшто нашите здравствени институции ќе можат понатаму тие нови знаења и техники за трансплантација на органи да можат да ги применат и во нашиот здравствен систем. Се надевам дека и другите клиники по овој пример ќе можат да пренесат и да апсорбираат знаења од странски експерти коишто навистина ни се од значајна природа за нас како здравствен систем, изјави Алиу.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната прес-конфренција кажа дека колку и да има потреба трансплантации да се направат, да се направат со домашни ресурси кога ќе се создадат услови за тоа.
И ова не се однесува само на трансплантациите на оваа клиника, истото важи за урологија за бубрези, истото важи за дигестивна, за хематологија, а се надевам и за други ткива и органи, изјави Клековски.