Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски ќе учествува на Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“ што ќе се одржи денеска во Солун, во организација на Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, Транспортната заедница, Европската банка за обнова, развој и Европската инвестициска банка, со поддршка на Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Николоски ќе се обрати на панелот „Остварување на проширувањето на TEN-T: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, каде ќе ги претстави тековните и идните проекти во патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 и ќе укаже на важноста од координиран пристап за инфраструктурното поврзување.
Како што изјави претходно Николоски, во Солун на средбата на највисоко ниво меѓу Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, во присуство на европскиот комесар за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас, ќе биде потврдена важноста на инвестициите во Коридорот 10.
На Самитот, чиј домаќин е грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Христос Ставру Димас, ќе учествуваат Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Марк Боуман, потпретседател за политика и партнерство во Европска банка за обнова и развој, Роберт де Грот, потпретседател на Европската инвестициска банка, претставници на приватниот сектор ,…
На маргините на Самитот, Николоски ќе има билатерални средби со српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура Александра Софронијевиќ, косовскиот министер за инфраструктура Димал Баша, високи претставници на ЕБОР и на други меѓународни финансиски институции,…
Во фокусот на Самитот се имплементацијата на проширувањето на TEN-T, коридорот Западен Балкан-Источен Медитеран, Планот за раст за Западен Балкан. Собирот е можност за координација на донаторите, подготовка на проекти, јавно-приватно партнерство, во насока на финансирање одржлива, отпорна и подобро поврзана транспортна инфраструктура.
– Западниот Балкан и соседните региони на ЕУ работат на развој на побезбедни, позелени, поотпорни и подобро поврзани транспортни мрежи усогласени со европските стандарди. Иако Планот за раст за Западен Балкан обезбедува значителна поддршка поддржана од ЕУ, вкупните инвестициски потреби во транспортниот сектор остануваат значително повисоки. Затоа, на самитот ќе се разгледа како да се подобри координацијата на донаторите, да се зајакне подготовката на проекти, да се зголеми учеството на приватниот сектор и да се претворат приоритетите за поврзување во конкретни инвестиции – велат организаторите.
