Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, меѓу нив и шест деца.
Според обвинителниот акт, со години наназад се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери како министри – сите посочени како дел од системскиот колапс кој доведе до една од најголемите трагедии во историјата на земјава. За 11 лица е запрена постапката и нема да се гонат со обвинение, бидејќи немало доволно докази, меѓу нив се ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, двајца ексминистри за економија. За Владимир Блажев-Панчо има прекин на постапката додека е на лекување, како а за Александар Карадаковски кој бил управител на фирмата, а почина на болничко лекување.
Тројца обвинети, во својство на сопственици и управители вршеле угостителска дејност иако објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за угостителска дејност, немале решение за реконструкција од градоначалникот на Кочани, објектот не бил предвиден за намена Б3 односно големи угостителски единици, за објектот немало основен проект за реконструкција за пренамена, немале елаборати, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии, опасни материи. Не донеле и не изготвиле план за заштита и спасување.
„Првообвинетиот, во временскиот период во 2012 година и 2024 година, преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција на објектот и пренамена, без стручен надзор вградувал несоодветни материјал, синтетички сунѓер, кои носат ризик за лесно започнување и лесно ширење на пожар. Не биле исполнети минимално технички услови за да се врши угостителска дејност. Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис за вградените материјали, бројот на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, но и немало инсталации пожари. Обвинетиот, сопственик на објектот во кој функционирал клубот, учествувал со тоа што дозволил реконструкција, иако знаел дека објектот нема дозвола за тоа“, рече Коцевски.
Обвинет е и братот на газдата на „Пулс“ оти тој ги продавал билетите.
„Континуирано во договор со својот брат, не постапувал со техничките правила за заштита, не водел сметка и продавал поголем број на влезници, со што овозможувал влез на поголем број на посетители од дозволениот број, дозволував во објектот да влезат помлади од 18 години иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкцијата“, додаде Коцевски.
Обвинета е и сопственичка на правно лице од Кочани, односно архитектката.
„Бил изготвен проект за пренамена на објектот, без елаборати кои мора да ги содржи основниот проект. Во 2023 година, таа му изготвила пак основен проект, користејќи го претходниот проект, а ја смениле насловната страна како документот да е изготвен во 2023 година, за да може инвеститорот да го користи незаконито како основа да врши угостителска дејност и добивање лиценца“, додаде тој.
Градежните инспектори (три лица) иако биле самостојни во вршењето на инспекциски надзор, спротивно на правата и должности во целиот период кога биле овластени градежни инспектори не воделе постапка и не покренале инспекциски надзор по службена должност за утврдување на состојбата, не наредиле отстранување на непривалностите и не го задолжиле да го врати објектот во првобитна состојба.
„Тие овозможиле Пулс да работи како кабаре“, додаде Коцевски.
Обвинети се и три лица, кои од 2012 до 2015 година, работеле како градоначалници. Тие се гонат бидејќи иако на местото каде е „Пулс“ не смеело да има кабаре, тоа функционирало, а не иницирале ниту постапка за инспекциски надзор. Ги обвинуваат и дека не ги известиле другите институции дека објектот работи без дозвола.
„Ја застапувале и претставувале општината, биле должни за почитување на Деталниот урбанистички план, знаеле дека објектот претставува безбедносно опасен објект оти не ги исполнувал условите, а ДУП-от не дозволувал на таа локација да постои кабаре, а не презеле никакви презеле дејствија за затворање на кабарето. Без овој објект да биде запишан во регистарот на Општината, овозможиле првообвинетиот да плаќа надоместок за угостителска дејност во износ од 4 илјади евра“, додаде Коцевски.
Обвинение е поднесено против управителот на агенцијата за обезбедување и четири припадници на обезбедувањето, а еден од нив немал ниту лиценца за обезбедувач. Тие се гонат и бидејќи дозволиле во објектот да влезат малолетни лица, а не спречиле ниту внес на пиротехниката од страна на музичката група „ДНК“.
„Истрагата против реалниот газда е во тек и не е дел од обвинението. Тие не презеле активности за откривање на штетни појави. Клубот Пулс го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, како и преполнетост на објектот. Агенцијата требала да изготви план за одржување на јавен ред“, додаде Коцевски.
Директорите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и генералниот инспектор кој бил раководител на инспекциската служба на ДЗС, се гонат дека иако биле свесни дека може да настапи штетна последица со нивно непостапување, тие не преземале мерки за заштита на луѓето и имотот од пожари.
„Не организирале надзор. Директорите како службени лица не постапиле и во целиот период не делегирале инспектор за заштита и спасување во Кочани. Никогаш не бил испланиран и спроведен инспекциски надзор врз ниту еден објект на територија на државата. Овозможиле Пулс да работи како кабаре, иако не ги исполнувал условите“, кажа Коцевски.
Обвинети се пет државни службеници, двајца министри и генерален секретар од Министерството за економија.
„Во континуитет издавале лиценци за вршење инспекциска дејност, објектот спаѓал во категорија диско клуб, а не ги исполнувал условите. Имало нецелосна документација, а не иницирале вонреден инспекциски надзор за проверка на условите. Детално се наведени кај секоја од лиценците поединечно. Во оваа група, за двајца поранешни министри постапката е запрена, бидејќи нема доволно докази за да се покрене обвинение против нив. Се обезбедија докази и за државен службеник кој ги изготвувал лиценците, а за себе барал и обезбедувал подарок. Тој побарал и добил 12.000 денари парична награда, кои биле исплатени на банкарска сметка, во 2024 година за поголема имотна корист за 226.000 денари му изработил две лажни лиценци, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, додаде Коцевски.
Опфатени се четири службени лица, инспектори од ДПИ. Тие не постапиле според прописите и мерките за заштита. Кај директорите кои беа опфатени, не е лоцирана директна одговорност.
„Иако биле свесни дека со нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настанување“, кажа Коцевски.
Според него, секоја од овие алки имала моќ да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на загуба на животите.
„Како резултат на севкупноста на пропопустите, на усно договорен настап, без формален договор, заради сценските ефекти, била договорена употреба на пиротехнички средства. Пропуштани биле и деца во клубот. Обвинетите го утврдија потеклото, начинот на влез, поставување и активирање на пиротехниката, на три базни уреди со телескопска антена кои се активирале истовремено. Пиротехниката била набавена без одоборение“
И синот на газдата е обвинет во делот на пиротехниката.
„Пиротехниката била употребена во небезбедни услови. Фонтаните исфрлале искри кон кровот. Пожарот се проширил по плафонот, а потоа и по целиот објект. Вградените материјали не биле противпожарно заштитена. Меѓу присутните имало панично бегање преку единствениот излез за евакуација кој не бил безбеден, бидејќи имало двокрилна врата која била пречка за движење. Самата надворешна врата немала систем за кочење. Настанало масовно паѓање на посетителите, излезот бил попречен. Единствената последица која ги врзува сите кривично правни дејствија е катастрофалниот пожар, каде загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, на сите им се става кривично дело тешки дела против општата сигурност“, додаде Коцевски.