Американските федерални власти покренаа обвинение против двајца државјани на Македонија, осомничени дека преку интернет организирале измама во која лажно го користеле името на американскиот претседател Доналд Трамп за да извлечат пари од граѓани низ САД.
Според соопштението на американското Министерство за правда, обвинети се 25-годишниот Горан С. и 39-годишната Кристина Ј., кои наводно продавале лажни „Trump Bucks“, „Trump coins“ и други производи претставувани како официјално поврзани со Трамп и неговата организација.
Истражителите тврдат дека измамата траела од 2023 година, а жртвите биле убедувани дека купените производи во иднина ќе можат да се заменат за големи суми пари. Најчесто биле таргетирани постари лица, кои преку интернет реклами и комуникација на „Телеграм“ биле наведувани да вложуваат пари во наводно „ексклузивни“ колекционерски предмети.
„Trump Bucks“ немале никаква реална вредност и не биле поврзани со Доналд Трамп, ниту со неговата компанија, нагласуваат американските власти.
Според обвинението, осомничените заработиле стотици илјади долари, а парите ги префрлале преку различни онлајн платформи и крипто-трансакции со цел да го прикријат потеклото на средствата.
Двајцата се товарат за електронска измама, заговор за измама и тешка злоупотреба на идентитет. Доколку бидат прогласени за виновни, им се закануваат повеќегодишни затворски казни.
Од американското Министерство за правда информираат дека обвинетите засега се во бегство.
