СДСМ отсега натаму мора да врши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта – порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во обраќањето на денешниот 32. конгрес на партијата, преставувајќи ја новата идеолошка платформа на СДСМ, која рече дека мора да биде многу повеќе од декларација.
Притисокот врз власта, како што рече, е во три насоки – европскиот процес, економско-социјалната алтернатива и мобилизацијата на прогресивната јавност.
Прво, посочи тој, партијата мора да бара јасен државен план од власта за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со точни рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Додаде дека народот има право да знае кој е планот и следниот чекор, но и кој ќе одговара ако земјата и натаму остане во чекалната на ЕУ.
„Второ, да понуди социјалдемократска алтернатива на овој економски и институционален застој – заштита на трудот, раст на платите, поефикасна борба со скапотијата, правда во оданочувањето, силни антикорупциски механизми, департизација на институциите и нов социјален договор со младите. Не смееме да ја препуштиме темата за иднината само на геополитиката. Иднината мора да се преточи во семеен буџет, во пониски сметки за струја, во безбедно работно место, во достапен стан, во преглед на лекар без врски и понижување“,рече Филипче.
Трето, додаде лидерот на СДСМ, да се мобилизира целата прогресивна јавност, не само членството на партијата, туку синдикатите, граѓанскиот сектор, професионалците, младите, жените, стопанствениците што сакаат јасни правила, на кои, како што рече, преку глава им е барање партиска милост.
„Европската и социјалдемократската борба денес не е партиска удобност. Таа е линија на одбрана на државата од лизгање кон заровен систем на национализам, клиентелизам и контролирана правда. Во време на растечка нееднаеднаквост, огромна инфлација, исплашени работници, слаби партиски контролирани институции и на организиран цинизам, социјалдемократијата повторно станува насушна потреба. Кога корупцијата расте – таа бара правда. Кога национализмот вирее – таа бара разум. Кога младите губат верба – таа нуди иднина. Кога државата станува студена и далечна – таа ја враќа човечноста во политиката“,рече Филипче во обраќањето на конгресот.
Ние не сме должни само да победиме на избори, додаде лидерот на СДСМ, туку да ѝ вратиме смисла на политиката и да покажеме дека социјалдемократијата не е носталгија, туку е единствено решение. Во пораката до власта, Филипче рече дека ако не е способна да ја придвижи државата напред – да се повлече.
